Новак Ѓоковиќ слави – неговиот клуб по 16 години се враќа во француската елита (ВИДЕО)

Последното коло од француската Лига 2 донесе вистинска драма, а најголемото внимание го привлече прекинатиот натпревар меѓу Бастија и Ле Ман (0-2), по кој гостите обезбедија пласман во елитата.

Пред последната рунда беше познат само еден директен патник во Лига 1 и тоа тимот на Троа, додека за второто место се бореа Ле Ман и Сент Етјен. „Зелените“ се надеваа на кикс на ривалот против Бастија, но тоа не се случи. Откако Милан Робин во првата минута од судиското продолжение го постави конечниот резултат, следуваше хаос на трибините. Револтирани домашни навивачи почнаа да фрлаат факели на теренот, по што судијата ги испрати играчите во соблекувалната.

Иако можеше веднаш да означи крај, натпреварот беше прекинат, а по 45-минутна пауза беше донесена одлука да не продолжи. Сега дисциплинските органи треба официјално да ја донесат конечната одлука, но најреално е натпреварот да биде регистриран со победа за Ле Ман, клубот кој привлекува внимание и поради тоа што неодамна беше преземен од конзорциум во кој се наоѓаат Новак Ѓоковиќ, Фелипе маса и Тибо Куртоа.

Ле Ман не играл во француската елита цели 16 години, а во 2013 година клубот прогласи банкрот. Оваа сезона имаше четврти најмал буџет во Лига 2, а најголем дел од ростерот го сочинуваат фудбалери кои претходно настапувале во третата, четвртата и петтата француска лига.

ФОТО: Le Mans FC