Аргентински фудбалер доби доживотен затвор поради брутално убиство на девојката!

Аргентинскиот фудбалер, Енцо Даниел Чаморо, е осуден на доживотен затвор за бруталното убиство на својата девојка Малена Конче Сото, случај што предизвика голем шок во Јужна Америка.

Судот во Ломас Де Замора го прогласи поранешниот играч за врска на Атлетико Камионерос за виновен за тешко убиство извршено во контекст на родово базирано насилство, односно фемицид. Злосторството се случило на на почетокот од минатата година во мотел. Според истрагата, Чаморо и 25-годишната Малена, мајка на петгодишно девојче, влегле во собата околу 14.30 часот, а неколку часа подоцна, камерите го снимиле фудбалерот како сам го напушта објектот.

Вработен на рецепцијата сведочел дека Чаморо околу 17.30 часот се обидел да излезе од мотелот со изговор дека треба нешто да земе од автомобилот. Кога персоналот не му дозволил да замине без проверка на собата, тој избегал прескокнувајќи ја страничната капија. По проверката, вработените во бањата го пронашле безживотното тело на девојката со длабока рана на вратот. Полицијата брзо го идентификувала осомничениот, делумно и поради тоа што на местото на злосторството била пронајдена неговата персонализирана картичка за јавен превоз. Чаморо бил уапсен во близина на локалниот стадион.

За време на судењето, одбраната побарала ослободителна пресуда, но Судскиот совет ги прифатил барањата на обвинителството и семејството на жртвата и изрекол максимална казна.

„Правдата за Малена конечно е задоволена. Ниту една казна нема да ја врати, но беше важно овој злочин да не остане неказнет“, изјавила адвокатката на семејството на жртвата.

Случајот доби уште потрагична димензија откако беше откриено дека Малена претходно учествувала во кампањи против насилството врз жените и на социјалните мрежи ја споделила пораката: „Родена сум да бидам слободна, а не убиена“.