„Немаше подобро сценарио од ова, заслужено ја вративме титулата во Скопје“

Вардар по три години пауза се врати на врвот и ја освои шампионската титула, откако денеска славеше со 34-19 против големиот ривал Пелистер во салата „Јане Сандански“, а тренерот Иван Чупиќ ги сподели своите импресии по натпреварот.

Чупиќ по дербито кажа дека е задоволен што ја освоиле двојната круна и имаше само пофални зборови за неговите ракометари.

„Секогаш може подобро, но во ваква атмосфера во дуел со најголемиот ривал да ја освоиме титулата дека не можеше подобро да биде. Мислам дека заслужено ја вративме титулата во Скопје. Им благодарам на навивачите, на претседателот и директорите на клубот што ми дадоа шанса да работам во овој клуб. Им благодарам на моите ракометари, но и на Талески, Борозан и Ќосески кои не се со нас, но ни помогнаа многу“, кажа Чупиќ.