Првпат во историјата - двајца шпански тренери ќе се сретнат во финалето од ЛШ

Два пати имаше шпанско финале, но никогаш досега двајца шпански стручњаци не се судриле во меч за титулата од Лигата на шампионите.

Кога играа Реал и Атлетико во 2014 и 2016 година, всушност, ниедна од екипите не беше предводена од Шпанец бидејќи на клупата на „кралевите“ беа Анчелоти и Зидан, а тренер на Атлетико беше Диего Симеоне.

Имало случаи кога двајцата тренери биле Германци (2013 - Клоп и Хејнкес) или Италијанци (2003 - Липи и Анчелоти), ама оваа година ќе биде историска за Шпанците иако ниеден од финалистите не е од оваа пиринејска држава. На мегдан ќе излезат Луис Енрике како предводник на ПСЖ и Микел Артета на Арсенал, двајца стручњаци кои како играчи настапуваа за Барселона.

Енрике има шанса да ја освои својата трета, а Артета ќе се бори за првата титула во Лигата на шампионите. Лани овие две екипи се сретнаа во полуфиналето и тогаш ПСЖ триумфираше на двата меча и обезбеди пласман понатаму со вкупен резултат 3-1.

фото: UEFA