Иранците поставиле услов за Мундијалот: Наш домаќин е ФИФА, а не Трамп

Учеството на Иран на Светското првенство и натаму е неизвесно поради затегнатите односи со САД и Израел, а дополнително внимание предизвика и изјавата на претседателот на Иранската фудбалска федерација, Мехди Таџ, според него нема дилеми дека репрезентацијата ќе патува на турнирот.

Тој порача дека Иран на турнирот оди како репрезентација која заслужено обезбедила пласман и дека домаќин не е американската администрација, туку ФИФА.

„Одиме на Светско првенство за кое се квалификувавме, а нашиот домаќин е ФИФА, не господинот Трамп или Америка“, изјави Таџ за иранската државна телевизија.

Иранците бараат јасни гаранции дека за време на престојот на турнирот нема да има, како што велат, навреди кон симболите на нивниот систем, особено кон Исламската револуционерна гарда.

„Потребни ни се гаранции за нашето патување дека никој нема право да ги навредува симболите на нашиот систем, а особено ИРГЦ. Ако такви гаранции постојат и ако јасно се преземе одговорност, тогаш нема да се повтори она што се случи во Канада“, порача Таџ.

Иранската делегација неодамна беше вратена од канадската граница пред Конгресот на ФИФА во Ванкувер, бидејќи, според нивните тврдења, била изложена на непочитување од имиграциските служби. Канадскиот министер за имиграција подоцна потврди дека на Таџ му била поништена визата додека бил во авион, поради неговите врски со ИРГЦ.

Светското првенство заеднички го организираат САД, Канада и Мексико. Иран треба да одигра два натпревари во Лос Анџелес, против Нов Зеланд на 15 јуни и против Белгија на 21 јуни, а потоа и меч против Египет во Сиетл на 26 јуни.