Двојните стандарди на Тиквеш и кавадарчани: Паролите им се гласни, резултати ептен празни!

Паролата која вчера ја истакнаа навивачите на Тиквеш, т.н. „Лозари“, може да одекна гласно, но кога ќе се спушти на терен, останува и тоа како празна.

Со таа парола не се покриваат 11 примени голови од Шкендија и Вардар, транспарент не игра(ше) на терен. Згора на тоа, Тиквеш не успеа да победи дома против Арсими. Тоа не е вина на ФФМ, туку директен доказ дека нешто во клубот од Кавадарци не функционира.

Алиби нема. Нема ни во судии, ни во „кантарите“ од кореографијата. Оваа сезона на натпреварите на Тиквеш нема ниту една спорна одлука. А кога резултатите се лоши, проблемот не се бара надвор, треба да се побара дома.

Ако тоа е сликата на сениорите, уште поалармантно е она што се случува во младинските категории на кавадарчани. Лажни легитимации, фалсификувани податоци... Тоа не е грешка, тоа е систем, кој си доби заслужена казна. И казната не е проблем, туку причината за неа. Одземени се бодови, суспензија од 18 месеци за Трајче Димитриев и веднаш потоа младинците „решиле“ да не излегуваат на терен - што значи дека боли што „праксата“ е откриена.

И наместо да се вперува прстот кон ФФМ, добро е да се погледне и во сопствените редови. Тиквеш нема никаков „проблем“ кога игра против Шкендија, напротив. Резултатите говорат сами. Врската меѓу луѓето околу Шкендија, сопственикот и главен спонзор и Митко Јанчев, газдата на „Кожувчанка“ не е тајна. Кога на тоа ќе се додадат имињата што кружат во кулоарите, Масларков и Љуљзим Имери приказната добива поинаква тежина. Лани титула во Кавадарци, годинава слично сценарио. Шпекулациите велат дека токму двајцата се клучни во ветувањето премија за трети клубови за дуелите на Тиквеш! Дали е ова случајност?.

Ако веќе се зборува за „кантар“, тогаш нека се отвори и темата за „тикетите“ и обложувалниците. Тоа не се приказни што исчезнуваат со демант и парола. Напротив, тие остануваат и фрлаат сенка врз секој следен натпревар, па и врз најавите дека нешто слично може да се повтори.

Дополнително, апсурдот е целосен кога ќе се погледне кој го води „спортскиот“ дел.

Игор Франговски, член на Управен одбор на ФФМ и Љупчо Трајковски, делегат на Собранието на ФФМ и тренер во младинските селекции. Двајца луѓе блиски до структурата на Мухамед Сејдини, притворениот поранешен претседател на ФФМ.

И наместо одговорност, добиваме напад кон истата таа институција. Тоа не е само лицемерие, тоа е обид за манипулација со јавноста. И тука доаѓа клучното прашање: дали овие луѓе воопшто заслужуваат место во федерацијата? Очигледно се навикнати да седат на повеќе столици, но ова раководство предводено од Масар Омерагиќ ќе мора да покаже дали навистина има принципи  или и ова ќе се премолчи. Дали е време да се расчисти со кадрите на Сејдини!?

Сега топката е кај Масар Омерагиќ и ФФМ. Прашањето е едноставно: ќе има ли реакција или повторно ќе се премолчи за да не се нарушат односите со Јанчев и неговиот круг?

Иронијата е што кога треба помош, организација, логистика, поддршка, Тиквеш точно знае каде да се обрати и ја добива. Кога треба одговорност,  тогаш виновникот секогаш е некој друг. Тоа не е принцип, тоа е селективна храброст.

Tранспарентите и организацијата не се бесплатни. Само вчерашното чини повеќе од 1.000 евра. Прашањето е едноставно, кој го плаќа? Кожувчанка и ФФМ имаат партнерски однос, но вреди да се види дали после ова „чесните“ од Кавадарци ќе продолжат соработка со „мафијашите“ од ФФМ или обратно.

На крајот, викањето од трибина е најлесниот дел. Соочувањето со реалноста - најтешкиот. А кога фактите те газат, гласноста не е аргумент. Таа е само обид да се покрие вистината што веќе на сите им е очигледна.