ФФМ ги раскина договорите со кавадарчаните Шиков и Трајковски
Ванче Шиков работеше како помошник на Гоце Седлоски во репрезентацијата на Македонија, а Љупчо Трајковски беше ангажиран како тренер во Спортската академија на ФФМ. Тие двајца веќе нема да ги извршуваат овие функции.
„Фудбалската федерација на Македонија информира дека Ванче Шиков повеќе не е дел од стручниот штаб на А репрезентацијата на Македонија. Селекторот Гоце Седлоски во наредниот период дополнително ќе одреди замена на неговата позиција. Му благодариме на Ванче Шиков за досегашниот ангажман и придонесот во работата со националниот тим и му посакуваме многу успех во понатамошната кариера“, се вели во соопштението на ФФМ за отказот на Ванче Шиков.
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја информира јавноста дека е донесена одлука за раскинување на договорот со Љупчо Трајковски, кој во моментот ја извршува функцијата спортски директор на ФК Тиквеш, а воедно беше ангажиран како тренер во Спортската академија на ФФМ за генерација 2011 и асистент на селекторот Горан Станковски во репрезентацијата до 15 години. ФФМ изразува благодарност до Љупчо Трајковски за неговиот ангажман и придонес во работата со младите фудбалери, посакувајќи му успех во понатамошната кариера“, информираа од ФФМ за смената на Љупчо Трајковски.