Вардар заборавил кога последен пат примил гол

На три кола пред крајот на првенството, екипата на Вардар се наоѓа на првото место на табелата со шест бода предност пред Шкендија и големи се шансите да дојде до првата шампионска титула по пауза од шест години.

Клучниот период за ваквата позиција е последниот месец во кој „црвено-црните“ освоија 13 од можните 15 бода со импресивна гол-разлика, 17-0. Од почетокот на април, Вардар одигра нерешено, без голови против Пелистер, а потоа ги совлада Работнички (1-0), Шкупи (7-0), Тиквеш (7-0) и Башкими (2-0).

Лидерот на табелата сега е без примен гол точно еден месец, односно од 4 април кога на домашен терен ја победи Македонија ЃП со 5-1. Тој гол беше постигнат во 72. минута што значи дека мрежата на Вардар не се тресела 468 минути. Во последните три кола Вардар игра со Силекс и Шкендија на домашен и Струга на гостински терен.