Симеоне изградил цела империја во Мадрид, поседува 180 станови и седум згради!

Додека од Диего Симеоне секоја сезона на теренот се очекува да измисли нешто ново со Атлетико Мадрид, надвор од фудбалските терени тој гради сосема поинаква приказна и тоа во светот на недвижностите каде што изградил вистинска империја.

Заедно со сопругата Карла Перејра, Симеоне во Мадрид посредува 180 станови и седум згради, бројки што можат да се споредат со оние на сериозни инвестициски фондови, пишуваат шпанските медиуми.

Во срцето на овој бизнис стои компанијата „Капаресим СЛ“ преку која се водат најголемиот дел од инвестициите. Според финансиските извештаи, вредноста на компанијата се приближува до 40 милиони евра. Од нив, околу 13,8 милиони се вложени во недвижности, додека повеќе од 19 милиони евра се водат како материјални средства.

Овие бројки јасно покажуваат како приходите од фудбалот се претвораат во долгорочен и стабилен капитал. Дополнително, начинот на управување е целосно професионализиран. Поголемиот дел од становите се наоѓаат во центарот на Мадрид, а се издаваат преку нивна сопствена платформа што им овозможува целосна контрола врз процесот.

Нивната стратегија е едноставна, но ефикасна, купуваат станови на атрактивни локации, ги реновираат за да имаат унифициран изглед и потоа ги издаваат на студенти, менаџери и туристи со средна и повисока платежна моќ.

Резултатите се веќе видливи. Приходите во 2024 година, кои речиси целосно доаѓаат од изнајмување, се зголемиле трипати и надминале 330.000 евра, додека нето-вредноста на компанијата се доближила до 20 милиони евра.

Иако Симеоне го носи името и капиталот, главниот збор во бизнисот го има неговата сопруга. Според шпанскиот „Форбс“, Перејра е вистинскиот стратег и од неколку студентски станови стигнала до управување со систем од 180 станбени единици и седум згради.

„Мојот сон беше да изградам нешто од нула и успеав во тоа“, изјавила таа, осврнувајќи се на новиот проект.

Станува збор за земјиште во делот Трес Кантос, сверно од Мадрид, каде веќе се градат две згради со 140 станови. Проектот се реализира преку компанијата „Трес Кантос 1415“, со комбинација од сопствен капитал и банкарски кредит.

Овој потег ја открива нивната бизнис-логика не вложуваат само во веќе развиени зони, туку и во области што допрва растат, особено во близина на технолошки и здравствени центри, каде побарувачката за станови е постојана.