„Го мразам ВАР, а Симеоне е одвратен“
Аргентинскиот стручњак беше критикуван за неговата реакција за време на прегледот на пеналот што првично беше досуден за Арсенал. Гостите требаше да добијат втор пенал откако Еберечи Езе падна во дуелот со Давид Ханко. Холандскиот судија Дени Макели покажа кон белата точка, но наскоро беше повикан да ја прегледа ситуацијата на ВАР мониторот. Додека судијата се движеше кон екранот, Симеоне ја напушти својата зона и се обиде да влијае на одлуката со гестикулација. По 45 секунди преглед и 13 повторувања, судијата ја поништи својата првична одлука, на големо разочарување на менаџерот на Арсенал, Микел Артета, но и на радост на Симеоне.
Стив Мекманаман, легенда на Ливерпул и Реал Мадрид, со кого освои две титули во Ла Лига и Лигата на шампионите помеѓу 1999 и 2003 година, е огорчен од ваквото однесување, но и од нешто друго.
„Повторно зборуваме за ВАР. Апсолутно го мразам ВАР. Го мразам, го мразам, го мразам. Ја уништува играта. Откако судијата ќе донесе одлука дека имало контакт, тоа не е јасна и очигледна грешка и не треба да се врати и повторно да ја разгледува ситуацијата. Ме збунува, но мислам дека судијата имаше ужасен натпревар.
Освен тоа, го гледам однесувањето на Диего Симеоне и неговите помошници додека судијата се обидуваше да дојде до мониторот - тоа е одвратно. Постојано го малтретираа четвртиот судија. Да се случеше истото во противничкиот шеснаесетник, Симеоне ќе врескаше за пенал. Затоа луѓето не ги сакаат 'мрачните вештини' и Атлетико Мадрид“, рече Мекманаман.
Атлетико синоќа не беше поразен само поради судиите, нешто слично како во двомечот со Барселона кога имаше обилна помош од арбитрите.