Иранците се пофалија: На СП во САД ќе нѐ испрати - Македонија!
Нашиот национален тим ќе се сретне со Иран кој во моментов е најактуелна држава во светот, поради војната што се води таму. Репрезентацијата на Иран последните недели е во центарот на вниманието бидејќи се закани дека нема да учествува на Мундијалот во знак на револт кон САД, но по се изгледа тоа нема да се случи и селекцијата продолжува да ги планира следните активности.
Во таа насока е и најавениот дуел против Македонија за кој иранските медиуми објавија дека е веќе договорен, но од ФФМ тврдат дека имало разговори, но уште ништо не било дефинирано. Затоа и во моментов не се знае ни точниот датум иако објавено е дека натпреварот би се играл во Турција, каде што ќе се подготвуваат Иранците.
Дополнително, медумите од Иран најавуваат дека дуелот со Македонија ќе биде генерална проба за Светското првенство каде оваа репрезентација е во група со Белгија, Египет и Нов Зеланд.
Македонија и Иран досега одиграле четири меѓусебни дуели, сите пријателски, последниот од нив на 2 јуни 2016 година во Скопје кога гостите славеа со 3-1. Нашата репрезентација има само една победа, исто така како гостин, од 11 ноември 2005 (2-1).