Две децении подоцна: Нов Калчополи на повидок, ама сега Интер е во фокусот

Скандал го тресе италијанскиот фудбал, а вмешан е судискиот комесар за Серија А и Серија Б, Џанлука Роки против кого е покрената истрага.

Највлијателните италијански медиуми објавија дека властите се сомневаат дека Роки ги избирал судиите за одредени натпревари за тимот на Интер во сезоната 2024/2025. Понатаму се наведува дека Роки е официјално под истрага за спортска измама, исклучително сериозно обвинение кое може да го чини доживотна забрана за вршење на оваа дејност доколку се докаже дека ги делегирал судиите по желба на Интер.

Што точно пишува во обвинението сè уште не е сосема јасно, но новинската агенција AGI тврди дека истражителите веруваат дека Роки директно влијаел врз судијата Андреа Коломбо да го суди натпреварот помеѓу Болоња и Интер одигран на 20 април 2025 година. Негова одлука била донесена по незадоволството на „нераѕурите“, Даниеле Довери да го суди натпреварот, па затоа Довери бил преместен во полуфиналето на Купот на Италија, во кое Милан славел со 3-0 во реваншот против Интер.

Се тврди дека Роки ја донел оваа одлука, заедно со уште неколку други, кога бил на „Сан Сиро“ за првиот натпревар од полуфиналето на Купот на Италија на 2 април, со што се согласил да го држи Довери подалеку од натпреварите што биле „најважни“ за Интер. Промената на судијата не била добра за Интер, сепак, бидејќи бил поразен во гореспоменатиот натпревар против Болоња, и токму овој пораз дефинитивно ги оддалечил од „скудетото“ што на крајот го освои Наполи.

Роки е обвинет и за пречекорување на границите на супервизорот на ВАР со тропање на прозорецот од кабината на ВАР, повикувајќи го Даниеле Патерна да му предложи на главниот судија да го прегледа моментот за наводен пенал, за време на натпреварот Удинезе - Парма. Патерна не сакал да го послуша Роки и го контактираше судијата Фабио Мареска, кој на крајот досуди пенал за Удинезе, но сметал дека Роки извршил притисок врз него да го стори тоа.

Овој случај веднаш потсети многумина на познатиот скандал „Калчополи“, кога одредени судии беа делегирани и на командата на одредени центри на моќ и неколку клубови од 2004 до 2006 година. Тогаш во центарот на вниманието беше Јувентус на кого му беше одземена титулата што ја освои во сезоната 2004/2005.