Сонот за опстанок продолжува: Македонија ЃП освои златни бодови против Работнички (ФОТО)

Екипата на Македонија Ѓорче Петров освои златни бодови во битката за опстанок, откако денеска на домашен терен го совлада директниот конкурент Работнички (2-1) во меч од 29. коло од Првата лига.

„Лавовите“ рано ја најавија победата, поведувајќи уште во втората минута преку Хозе кабаркас, кој со удар со глава ја затресе мрежата. Погодокот беше проверуван во ВАР-собата, но на крајот беше признат за водство на домаќинот. И покрај неколкуте добри можности на двете страни, резултатот до паузата остана непроменет. Клучниот момент во продолжението го донесе 16-годишниот Мартин Џангаровски, кој во 63. минута зголеми на 2-0, пред Сухејл Муарем само пет минути подоцна да внесе неизвесност со погодок за Работнички.

Гостите имаа шанса и за брзо израмнување, но не ја искористија, а Македонија ЃП успеа да ја сочува предноста во завршницата и да стигне до победа што може да биде пресудна во борбата за опстанок. Македонија ЃП останува претпоследна, но сега со 27 бодови, односно само еден бод помалку од Работнички, а два од Пелистер, кој е прв над линијата за место во баражот.

До крајот има уште четири кола, а во следната рунда тимот од Ѓорче ќе гостува кај испаднатиот Шкупи, додека Работнички го очекува директен дуел против Пелистер.