Муамед Сејдини приведен во акција на МВР, се сомничи за проневера на 700.000 евра!

Поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, е приведен во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР), спроведена во координација со Јавното обвинителство.

Според првичните информации, Сејдини се сомничи за проневера на околу 700.000 евра, средства доделени од УЕФА на македонската Куќа на фудбалот за изградба на трибина во Охрид. Сомнежите биле утврдени по доаѓањето на новото раководство на федерацијата, по што случајот бил пријавен до надлежните институции. Доскорешниот предводник на македонскиот фудбал пред неколку недели беше суспендиран на две години поради „измама и доведување во заблуда на Управниот одбор“.

„Утврдено е дека Одборот за итност на ФФМ во ноември 2024 година донел одлука за прифаќање на понуда од ДПТУ 'Енергоинвест Трејд ДОО Скопје', за изградба на трибина на стадионот 'Билјанини Извори' во Охрид, во износ од 202.919.610,00 денари без ДДВ, без услов за авансно плаќање и го овластил тогашниот претседател Муамед Сејдини да потпише договор согласно прифатената понуда. Истата одлука подоцна е потврдена и од Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија. И покрај тоа, по само една недела, Муамед Сејдини, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20-отсто, кој не бил дел од прифатената понуда, при што авансот бил исплатен без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување“, соопштија неодамна од ФФМ.

Истрагата е во тек, а засега нема официјални детали од институциите.