Вардар побара јужната трибина на „Градски“ да го носи името – Васил Рингов!

Екипата на Вардар поднесе иницијатива до Владата за преименување на јужната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ во чест на легендата на македонскиот фудбал, Васил Рингов.

Иницијативата, испратена до премиерот Христијан Мицкоски, Министерството за спорт, Македонскиот олимписки комитет и надлежните институции, има за цел да оддаде почит на, како што се наведува, „еден од најистакнатите фудбалски имиња во историјата на земјата“. Од Вардар посочуваат дека ваквиот потег претставува достојно признание за придонесот на Рингов, но и чекор кон зачувување на спортската традиција и колективната меморија. Според клубот, именувањето на трибината би имало трајна симболика и би служело како инспирација за идните генерации спортисти и љубители на фудбалот.

Во соопштението се нагласува дека чествувањето на истакнатите спортски личности со институционална поддршка придонесува за зајакнување на националниот идентитет и континуитетот во развојот на македонскиот спорт. Доколку иницијативата биде прифатена, Вардар најавува организација на меѓународен пријателски натпревар со еминентен противник, кој би се одиграл на денот на официјалното именување на трибината „Васил Рингов“.