Неверојатно: Партизан не доби лиценца за Европа!

Фудбалскиот клуб на Партизан според информациите кои ги објави „Спорт Клуб“ не добил лиценца за настап во Европа.

Според информациите, документацијата на Партизан содржела неколку пропусти со детали поврзани со финансиите и пробивање на одредени рокови. Комисијата за лиценцирање, следејќи ги упатствата во првиот степен донела негативна одлука.

Сега за Партизан останува можноста за жалба пред второстепениот орган во процесот на лиценцирање. Одлуката на жалбената комисија, доколку од белградскиот клуб пристигне конкретен приговор, би можела да се очекува во текот на мај.

„Црно-белите“ на крајот од март успеаја да ги покријат финансиските минуси и да ја достават апликацијата до Фудбалскиот сојуз на Србија, кој е надлежен и за УЕФА лиценцирање. По продажбата на Андреј Костиќ во Милан и приход од 3,5 милиони евра, се покажало дека ниту таа сума не е доволна за целосно решавање на проблемите. Поради тоа, преку различни канали, во последен момент клубот обезбедил дополнителни 1,2 милиони евра.

Сепак, очигледно маките за Партизан не завршиле ниту таму, па сега се соочува со уште еден сериозен проблем во трката за УЕФА лиценца.