Уапсен газдата на Башкими!
Како што истакнуваат од МВР првиот човек на Башкими, Бурак Хида влегол во расправија со лице од противничкиот табор, а подоцна бил лишен од слобода.
„На 19.04.2026 во СВР Куманово е пријавено дека во 16:50 часот на стадион „Башкими“ во Куманово, по завршување на фудбалскиот натпревар помеѓу фудбалските клубови „Башкими“ од Куманово и „Струга Трим Лум“ од Струга, настанала расправија помеѓу Б.Х.(39) од Куманово, сопственик на фудбалскиот клуб „Башкими“ и едно лице од гостинската екипа од Струга. Подоцна, на паркинг простор, неколку лица со употреба на тврди предмети, го оштетиле паркираниот автобус, сопственост на приватна фирма од Струга, кој ги превезувал играчите од Струга.
Во врска со настанот, во 20:20 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Б.Х.(39). Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава“, стои во билтенот на МВР.
Инаку, ова не е единствен проблем со кој се соочува првиот човек на македонскиот прволигаш, тој исто така е првоосомничен и за натпреварот помеѓу Башкими и Кожув минатата сезона за кој веќе беше потврдено дека бил наместен и за кој веќе има опсежна истрага од македонски истражни органи.
Поради тој натпревар, се очекува ригорозна казна за Башкими од дисциплинската Комисија на ФФМ.