Баерн сезонава е страшен, брка и европски рекорд стар 77 години!

Фудбалерите на Баерн неодамна го срушија рекордот во Бундеслигата од 101 гол и веќе имаат 109, а до крајот на сезоната ќе го бркаат и европскиот рекорд кој изнесува 125 голови. 

Рекордот го држи една од најпознатите генерации на италијанскиот фудбал, онаа на Торино која во 40-тите години од минатиот век пет пати беше шампион на Италија, пред да се случи авионската трагедија на 4 мај 1949 година. Торино го постави овој рекорд во сезоната 1947/48, а сега, 77 години подоцна, Баерн има шанса да го надмине.

Во досегашните 30 кола Баерн постигна 109 голови, што е просек од 3,6 гола по натпревар. Ако го задржат истиот ритам, во последните четири натпревари би можеле да постигнат меѓу 14 и 15 гола, што би значело вкупно 123 до 124 погодоци.

Тоа значи дека би им недостигале само еден или два гола за да го срушат рекордот на Торино. Дополнителен оптимизам носи и моменталната форма, последните четири резултати на Баерн во Бундеслигата се: Штутгарт 4-2, Сент Паули 5-0, Фрајбург 3-2 и Унион Берлин 4-0, што е просек од точно 4 гола по натпревар.

Доколку продолжат во истиот стил, би можеле да стигнат до 125 голови и да го израмнат европскиот рекорд.

Но, до крајот на сезоната ги очекуваат и многу поважни предизвици, полуфинале во Лигата на шампионите против актуелниот европски шампион Пари Сен Жермен, како и полуфинале во германскиот куп против Баер Леверкузен.