Ужас во Италија: Фудбалери на Фоџа среде меч нападнати од - сопствените навивачи (ВИДЕО)

Голем инцидент го одбележа финишот од италијанското третолигашко дерби (Серија Ц - група Ц) меѓу Монополи и Фоџа (1-0), откако неколку моменти пред последниот судиски свиреж група гостински навивачи со фантомки упаднаа на теренот.

Дел од хулиганите влетале на игралиштето најверојатно со намера да се пресметаат со фудбалерите на Фоџа. Во хаотичната ситуација, дел од играчите успеале да се повлечат во соблекувалните, додека други спас побарале зад рекламните паноа покрај теренот. Интервенцијата на безбедносните сили била брза и ефикасна. Полицијата, вклучително и службени лица во цивил кои го обезбедувале натпреварот, успеала да приведе дел од напаѓачите. Еден од нив бил уапсен под централната трибина пред очите на изненадената публика, додека друг бил совладан во близина на голот.

По воспоставувањето на редот, натпреварот продолжил по десетминутен прекин. Монополи на крајот славеше минимална победа со голот на Фал во 54. минута, оставајќи ги надежите на Фоџа за настап во плеј-аут фазата сериозно доведени во прашање.