Меси херој на Интер Мајами во вториот најпосетен натпревар во историјата на МЛС (ВИДЕО)

Лионел Меси постигна два гола во победата на Интер Мајами над Колорадо Рапидс со 3-2 на гостински терен во Денвер и така одново беше херој на својот тим.

Натпреварот се играше пред 75.824 гледачи што го прави втор најпосетен во историјата на МЛС лигата. 

Интер поведе со 1-0 во 18. минута кога Меси сигурно реализираше најстрога казна. Во судиското продолжение од првото полувреме, Интер ја зголеми предноста на 2-0 по серија додавања во нападот, а Меси ја започна акцијата со прецизно додавање кон Родриго Де Пол.

Де Пол го проигра Матео Силвети, чиј центаршут стигна до Герман Бертераме, кој со глава погоди под пречката. Наваро на спротивната страна намали на 2-1 со соло продор и прецизен удар, а во 62. минута Јапи израмни на 2-2 со силен шут по асистенција од Лукас Херингтон.

Победникот беше решен на десетина минути пред крајот кога Меси го постигна својот втор погодок на натпреварот, до крајот кај Интер исклучен беше Брајт, меѓутоа и така Меси и друштвото се израдуваа на победата.