Првата индивидуална награда во НБА сезонава за - Вембанјама

Кошаркарот на Сан Антонио Спарс, Виктор Вембанјама е добитник на наградата „Меџик Џонсон“ за сезоната 2025-26, која му се доделува на НБА играчот кој најдобро ја комбинира извонредноста на теренот со подготвеност за соработка и харизма во односите со медиумите и навивачите, објави Здружението на професионални кошаркарски новинари.

Французинот оваа сезона имаше просек од 25 поени, 11,5 скока, 3,1 асистенции и 3,1 блокади по натпревар и по вторпат беше прогласен за Ол стар играч. Надвор од теренот, играчот на Спарс постојано негува атмосфера на меѓусебно почитување и отвореност со новинарите од НБА.

„Виктор Вембанјама го отелотворува духот на оваа награда - суперѕвезда која е исто толку внимателна и ангажирана надвор од теренот колку што е доминантна и на него. Тој е дарежлив, љубезен и трпелив со новинарите и е спремен да дискутира за речиси сè - од трката за MVP до социјалната правда и поларната светлина. Како што рече еден од нашите членови, Виктор е ‘длабок мислител кој ја разбира моќта на своите зборови’“, рече претседателот на Здружението, Хауард Бек.

Вембанјама е првиот играч на Спарс кој ја освоил наградата и, со 22 години, најмладиот добитник од Кевин Дурант (исто така 22) во 2011 година. Донован Мичел од Кливленд Кавалирс заврши втор во гласањето втора година по ред. Другите финалисти, врз основа на номинациите, се Стеф Кари од Голден Стејт Вориорс, Џејлен Браун од Бостон Селтикс и Јанис Адетокумпо од Милвоки Бакс.

Наградата, востановена во 2001 година, е именувана во чест на Ирвин „Меџик“ Џонсон, поранешна ѕвезда на Лос Анџелес Лејкерс, кој постојано беше ангажиран, внимателен и љубезен кон медиумите за време на неговата кариера во Куќата на славните. Според сегашните правила на Здружението, усвоени во 2020 година, ниту еден играч не може да ја освои наградата двапати по ред.

Со ова почна доделувањето на индивидуалните награди во НБА лигата за оваа сезона. Досега се чекаше поради неизвесноста околу тоа дали Лука Дончиќ ќе биде во конкуренција за овие признанија, но НБА вчера донесе одлука за тоа и му дозволи да Словенецот да остане во игра.