Скопје центар на европската кошарка: Македонија домаќин на голем ФИБА настан!

Градот Скопје ќе биде домаќин на Европската конвенција за минибаскет, која ќе се одржи од 4 до 7 јуни, во организација на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), а во соработка со ФИБА Европа и ФИБА Фондација.

Станува збор за 11. издание на овој настан, кој ќе собере тренери од цела Европа што работат со најмладите категории. Главната цел на конвенцијата е едукација на тренерите и унапредување на работата со деца, преку комбинирани теоретски и практични сесии водени од искусни ментори.

„Ова е важен чекор во развојот на базата на кошарката, особено кај децата од 7 до 12 години, каде се создава љубовта кон спортот“, изјави генералниот секретар, Томче Стојчевски.

Практичниот дел од програмата ќе се одржува во салата „Лазар Лечиќ“ во скопскиот Градски парк, додека завршниот фестивал ќе се реализира на кејот на реката Вардар. На последниот ден се очекува учество на повеќе од 300 деца и околу 80 тренери.

„Со подобрување на работата со најмладите, директно инвестираме во иднината на кошарката“, додаде Стојчевски.

Конвенцијата ќе ја посетат и претставници на европската кошаркарска федерација, што дополнително го потврдува значењето на овој настан за македонската кошарка.