Јувентус ќе плати 40 милиони евра за напаѓачот кој разочара сезонава

Јувентус ја активираше откупната клаузула во договорот на напаѓачот Луис Опенда кој во последните пет натпревари во Серија А не одигра ниту минута. 

Италијанските медиуми пренесуваат дека условот за откуп бил исполнет откако клубот математички обезбеди пласман меѓу десетте најдобри екипи во лигата.

Опенда пристигна во Јувентус минатото лето на позајмица од Лајпциг. За актуелната сезона торинскиот клуб плати 3,3 милиони евра, со можни бонуси до 800.000 евра.

Во договорот беше вклучена и клаузула за задолжителен откуп во висина од 40,6 милиони евра, плус дополнителни 1,7 милиони евра преку бонуси. Јувентус ќе ја исплати оваа сума на германскиот клуб во четири рати.

Клучниот услов беше исполнет минатата сабота, кога „бјанконерите“ славеа со 1-0 на гостувањето кај Аталанта и со тоа го потврдија местото во горниот дел од табелата. На шест кола до крајот на сезоната, Јувентус има 18 бода повеќе од единаесеттопласираниот Сасуоло.

Дури и во теорија, доколку Јувентус ги загуби сите преостанати натпревари, а Сасуоло победи на сите, тимот од Торино повторно би бил подобро пласиран поради подобриот меѓусебен скор. Со активирањето на клаузулата, Опенда автоматски потпиша четиригодишен договор со важност до летото 2030 година.

Сепак, неговата иднина во клубот останува неизвесна. Белгиецот последните пет лигашки натпревари ги помина на клупата за резерви, а во последниот настап одигра само една минута.