Италијанец предизвика бурни реакции - сликаше рели во Хрватска од шахта на патот! (ВИДЕО)
Иако навивачите и фоторепортерите на рели трките се познати по тоа што бараат што поатрактивни позиции покрај самата патека, италијанскиот фотограф Матео Лели ги премина сите граници на безбедноста.
Тој буквално се спуштил во шахта покрај патот и од таму фотографирал автомобили кои минуваат со огромна брзина.
Неговиот опасен потег експресно се прошири на интернет, но наместо пофалби за креативноста, следуваа жестоки реакции и осуди.
Меѓународната автомобилска федерација веднаш реагираше со јасна порака дека нема толеранција за вакво однесување:
„За ваквото однесување нема никакво оправдување. Со тоа што се доведувате во опасност, не го ризикувате само сопствениот живот, туку и животите на екипажот во возилото и на сите околу вас. Апелираме до сите да останат во дозволените зони за гледачи за да не се доведе во прашање одржувањето на етапите.“
Меѓу оние што јавно го осудија инцидентот беше и рели тимот на Хјундаи, од каде упатија кратка, но директна порака:
„За вакви работи нема место ни на класични тркачки патеки, а камоли на рели етапи. Не доаѓајте повеќе на трки.“