Чудесен пресврт во УФЦ: Со повредена нога нокаутира легенда и ја освои титулата (ВИДЕО)

Карлос Улберг е нов шампион во полутешка категорија на УФЦ, откако со нокаут го совлада Јиржи Прохаска во главната борба на настанот УФЦ 327 во Мајами.

Новозеланѓанецот до појасот стигна со спектакуларен пресврт и покрај тоа што во текот на борбата се здоби со повреда на коленото, а победата му беше десетта по ред во кариерата. Прохаска, кој влезе како фаворит и поранешен шампион, имаше шанса повторно да се искачи на тронот, но пресуден беше еден момент – разорно лево кроше на Улберг, по кое следуваше серија удари и прекин на борбата. Иако во еден момент изгледаше дека Улберг ја губи контролата поради повредата, тој успеа да се врати и да ја заврши борбата на импресивен начин.

„Го повредив коленото, но никогаш не се отпишав. Знаев дека ми треба само еден удар – и го најдов“, изјави новиот шампион.

Тој додаде дека ја искористил малата несигурност на противникот.

„Штом го погодив со левата, беше готово“, дополни тој.

Појасот во категоријата остана празен по преминот на Алекс Переира во тешка категорија, но со ваква победа Улберг јасно покажа дека заслужено е нов владетел во дивизијата.

ФОТО: EPA PHOTO