Германија е друго ниво - нов пораз на македонските ракометарки!

Македонските ракометарки го доживеаа четвртиот пораз во квалификациите за Европското првенство, овојпат на домашен терен бевме поразени од Германија со 27-35.

Германките допатуваа со перфектен скор, четири победи од исто толку натпревари, својата доминација ја презентираа и во нашата земја.

Македонија се носеше рамноправно само во воведните минути, до 4-4. Потоа Германките направија серија од 3-0, се одлепија и го контролираа резултатот. Во текот на првиот дел имаа и осум гола предност, беше 18-10 за нив, сепак намаливме малку од негативата, па на одморот заминавме со минус пет. Беше 19-14 за Германија.

Во вториот дел Германките ја контролираа играта и резултатот и ја одржуваа високата предност до конечна победа за нив од 35-27.

Најефикасна во нашата репрезентација беше Кипријановска со шест голови, Јанкуловска и Стефаноска постигнаа по четири.

Во последното коло од квалификациите Македонија гостува на Словенија, тој меч се игра на 12. април. 

Македонија е претпоследна на табелата со една победа и четири порази, зад нас е Белгија, а пред нас се Германија и Словенија. Нашата репрезентација се уште не ги загубила шансите за континенталниот собир до кој може да дојде како една од најдобро третопласираните селекции.