И тоа има: Лажен профил на македонската Арена спорт прави забуна во јавноста!
Во последно време на социјалната мрежа „Фејсбук“ може да се забележи страница со името и логото на Арена спорт, која веќе почна да објавува одредени спортски вести, сакајќи да асоцира дека е поврзана со македонската верзија на најпознатата регионална спортска телевизија. Но, тоа не е точно, што значи манипулација со речиси 3.000 следбеници колку што веќе има собрано.
„Страницата што изминатиов период зачестено се појавува на Фејсбук фидовите на спортските вљубеници во Македонија со името и логото на нашата телевизија е лажна, односно не е официјална. Јавноста навремено ќе биде информирана кога ќе ги објавиме нашите профили на сите социјални мрежи, кои веднаш би биле верификувани како доказ на нивната веродостојност. Во меѓувреме се фокусираме на финиширање со сите потребни работи со цел што побрзо да се појавиме во македонскиот етер“, велат луѓето кои стојат зад проектот „Арена спорт Македонија“.
Последните прогнози се дека македонската верзија на спортската телевизија ќе почне со работа во текот на следниот месец односно до крајот на мај.
