Државата им исплати 2,2 милиони евра на елитните клубови - најмногу за Шкендија, РК Пелистер и МЗТ!

Повеќе од 136 милиони денари или 2,2 милиони евра изминативе десетина дена легнаа на сметките на прволигашите во машка конкуренција во четирите најдобри екипни спортови во државата, како дел од стратегијата за развој на македонскиот спорт од страна на Министерството за спорт.

Најголем дел од колачот добија ракометните тимови, како потврда на статусот на спорт број еден во државата со оглед на најдобрите резултати во однос на другите на на репрезентативна и на европска клупска сцена. Најголем ваучер за оваа година доби РК Пелистер, нашиот претставник во ракометната Лига на шампионите во изминативе години, кој од државата доби 7,4 милиони денари (120.000 евра). Веднаш зад битолчани е нивниот најголем ривал, РК Вардар, чии активности беа поддржани со речиси точно 7 милиони денари (115.000 евра). Помош поголема од 100.000 евра добија и преостанатите тимови од „големата четворка“, со оглед што Алкалоид доби 6,5 милиони денари, а ГРК Охрид 6,1 милион денари.

Кај фудбалерите, очекувано, најголем ваучер доби шампионот Шкендија и тоа 4,97 милиони денари (81.000 евра), пред Силекс (4,7 милиони), Работнички (4,44 милиони) и Струга (4,16 милиони). Зад оваа четворка е лидерот во сегашното првенство, составот на Вардар, кој инкасира 3,88 милиони евра (63.000 евра). И кај кошаркарите најмногу доби шампионот МЗТ Скопје, на чија сметка беа префрлени 4,4 милиони денари (72.000 евра), додека над оваа граница доби само ТФТ и тоа 4,14 милиони денари.

Далеку помала разлика меѓу екипите во однос на другите спортови има во одбојката, каде што најмногу пари има за Работнички и тоа 1,74 милиони денари, а следуваат Струмица со 1,64 милиони денари, Штип УГД со 1,56 милиони денари и ГОК Борец со 1,48 милиони денари.

Кај дамите, најголем ваучер доби ракометниот првак ЖРК Ѓорче Петров и тоа 1,835 милиони денари, а веднаш зад него е ЖФК Љуботен со 1,72 милиони денари.