Алкараз даде урнебесна изјава пред стартот на сезоната на земја – жал му е за чорапите (ВИДЕО)
Шпанецот е прв носител на мастерс турнирот во Монте Карло, каде ќе го започне настапот од второто коло, против победникот од дуелот меѓу Себастијан Бае и Стан Вавринка.
„Ова е веројатно мојот омилен дел од сезоната. Земјата ми недостигаше уште од ланското финале на Ролан Гарос и долго време не сум играл на оваа подлога. На првиот тренинг им реков на моите дека е време повторно да си ги извалкам чорапите“, изјави Алкарас со насмевка на лицето.
Тој минатата сезона имаше одлични резултати на земја – ги освои турнирите во Монте Карло, Рим и Ролан Гарос, играше финале во Барселона, но го пропушти Мадрид поради повреда.
„Планот ми е оваа година да играм во Монте Карло, Барселона, Мадрид и Рим. Тоа е многу напорно и физички и психички. Неделата кога е Барселона треба да одморам, но тој турнир ми е многу важен“, додаде шпанскиот тенисер.
Алкарас истакна дека токму титулата во Монте Карло минатата година му дала самодоверба за една од најдобрите сезони во кариерата, бидејќи тогаш сфатил како треба да игра на високо ниво од недела во недела.