Почина Едуард Кокшаров - поранешен директор и тренер на Вардар!

Тажна вест од Русија, почина легендата на ракометот во оваа земја, Едуард Кокшаров кој дел од животот го помина и во Скопје, тој имаше само 51 година.

Кокшаров почина во Брест, каде што беше тренер на тимот на Мешков.

За македонската јавност тој е познат по периодот минат во Вардар. Кога Самсоненко беше сопственик на црвено-црните, Кокшаров ја имаше улогата на спортски директор, а во одредени периоди беше и привремен тренер на машкиот и женскиот тим на Вардар.

Кокшаров беше во Вардар кога црвено-црните ги направија најголемите успеси во историјата, европските титули во 2017 и 2019 година.

Во меѓувреме тој беше селектор на машката репрезентација на Русија, па го водеше женскиот тим на Ростов Дон, а последно беше тренер на Мешков Брест.

Кокшаров имаше богата кариера како ракометар, освојуваше медали со Русија и има преку 1.000 погодоци за руската репрезентација.