Седлоски: На полувреме барав да се смириме, првиот гол нѐ пресече!

Селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, не го криеше разочарувањето по вечерашниот тежок пораз од Данска (0-4) во полуфиналето од баражот за пласман на СП 2026, одиграно во Копенхаген.

Тој потенцира дека клучниот момент бил примениот погодок рано во второто полувреме, по кој екипата целосно ја загубила стабилноста на теренот.

„Задоволен сум од првото полувреме, но им укажав на играчите да внимаваме да не примиме гол во првите десет минути. За жал, тоа се случи веќе во третата минута. Првиот гол нè пресече и не знам што точно се случи потоа“, изјави Седлоски.

Тој нагласи дека македонската селекција примила голови токму од позициите од кои најмногу стравувал.

„Ова е тежок пораз кој боли. Данска постигнуваше голови од крилните позиции, нешто на што посебно работевме. Имавме проблем со нивните бекови кои создаваа вишок и ни правеа сериозни потешкотии“, додаде селекторот.

Македонија во вторник ќе го одигра мечот за „третото место“ против поразениот од пресметката помеѓу Чешка и Република Ирска на теренот на противникот.