Рамадани: Максимално сме мотивирани – ќе дадеме сѐ од себе против Данска!

Македонската фудбалска репрезентација со денешниот утрински тренинг ги заврши мини-подготовките во Скопје пред полуфиналниот плеј-оф дуел против Данска за пласман на СП 2026, финализирајќи ги тактичките подготовки за овој исклучително важен натпревар.

Играчот од средниот ред, Решат Рамадани, истакна дека репрезентацијата е целосно подготвена и фокусирана на предизвикот што следи, нагласувајќи дека сите во тимот се свесни за значењето на натпреварот и ќе дадат максимум на теренот.

„Свесни сме за значењето на овој натпревар за нас. Ја знаеме вредноста што ја има овој дуел за Македонија и затоа ќе влеземе на теренот подготвени да го дадеме максимумот. Мотивацијата кај сите нас е на максимум. Подготвени сме да го дадеме најдоброто од себе во секоја минута, со висока тактичка дисциплина, а резултатот ќе биде показател за нашиот труд и залагање“, изјави Рамадани

Дуелот против Данска ќе го одиграме в четврток во Копенхаген, а со евентуална победа ќе обезбедиме финале против подобриот од пресметката помеѓу Чешка и Република Ирска.