Данците го открија составот за Македонија: Без Шмајхел, но со голгетерот на Бодо

Селекторот на Данска, Брајан Ример денеска го објави списокот на играчи на кои смета за баражот за Светското првенство, против Македонија. Забележливо е дека некои имиња недостасуваат, особено на голот.

Долгогодишниот голман на репрезентацијата, Каспер Шмајхел не е повикан, бидејќи еден месец беше надвор од терените поради повреда. Од истата причина, Филип Јоргенсен од Челси е отсутен, иако не тажат многу за него со оглед на тоа колку добро брани. Мадс Хермансен, кој неодамна се етаблираше на голот на Вест Хем, се појавува како стартен голман. Искусниот Фредерик Рене од Унион Берлин, кој веќе се прости од репрезентацијата и младиот Андреас Јунгдал се повикани како алтернативи.

Данците имаат голем хендикеп во составот поради повредите на Јаник Вестергард и Патрик Доргу, поради што Виктор Бак и Оливер Простгор добија дебитантски повици. Средниот ред сè уште се потпира на искусни играчи како Ериксен, Хојбјерг, Нергор…

Најголемата вест е дебитантскиот повик на напаѓачот на Бодо, Каспер Хег кој сезонава има пет гола во Лигата на шампионите, а и порано играше одлично, но досега беше занемарен од селекторите. Тој е во одлична форма и би можел да биде џокер за Данска покрај Хојлунд и Осула од Њукасл.