Едно полувреме доволно за Струга да ја растури Македонија ЃП (ВИДЕО)

Екипата на Струга остана во игра за шампионската титула во македонското фудбалско првенство откако денеска, во првиот меч од 23. коло ја победи Македонија ЃП со 3-0.

На двојниот шампион му беше доволно едно полувреме и конфузната противничка одбрана за да дојде до 15. победа оваа сезона. Македонија ЃП одигра очајно прво полувреме, а гостинските фудбалери во голема мерка му помогнаа на противникот да ги освои трите бода.

Се што беше важно на натпреварот се случи во воведните 45 минути. Уште во седмата минута голманот Ристо Јанков направи кардинална грешка, место да ја фати топката, дозволи таа да му избега од раце и меѓу нозете да ја помине гол-линијата за водство на Струга со 1-0. Во 26. минута Бојку се погрижи за зголемување на предноста на домашниот тим откако погоди од десната страна на шеснаесетникот, но притоа имаше помош Кабаркас Перез кого топката го удри и ѝ го смени правецот, доволно за да го измами Ристов.

Нешто подоцна Јевтоски од слободен удар ја погоди стативата, но истиот играч во 41. минута се прошета во шеснаесетникот на Македонија ЃП и без проблеми ја смести топката во мрежата за конечни 3-0.

По оваа победа и со натпревар повеќе, Македонија се доближи на два бода од Шкендија и пет од лидерот Вардар, додека Македонија ЃП е во опасност повторно да падне во зоната за испаѓање.

Головите од денешниот натпревар во Струга можете да ги погледнете на овој ЛИНК.