Скопски екипи битката за првото место пред плејофот ќе ја водат во – Негорски бањи!

Со реприза на финалето од минатата сезона помеѓу ТФТ и МЗТ Скопје денеска ќе биде затворено 18. коло од кошаркарската Суперлига.

Вицешампионот ќе го пречека актуелниот првак од Аеродром, но наместо во главниот град, натпреварот ќе се игра во спортскиот комплекс „НБ Ноел“ во Негорски Бањи. Поради згуснатиот календар и зафатеноста на салите во Скопје, клубот од Тафталиџе одлучи овој дуел да го одигра надвор од градот, со почеток во 17 часот. Во оваа сала во минатото настапуваше и Блокотехна, летоска тука се подготвуваше и македонската репрезентација, а годинава таму ќе се игра едно од младинските европски првенства чиј домаќин ќе биде нашата држава.

Дуелот има големо значење во борбата за првото место на табелата, со оглед што двата тима имаат скор 16-1, но ТФТ има еден бод предност во однос на противникот. Поради ова, исходот од овој меч може директно да влијае на тоа кој ќе го заврши основниот дел од сезоната како лидер пред почетокот на плејоф фазата (Топ-6). Доколку ТФТ слави, ќе направи предност од два бода што значи дека ќе треба да загуби два од преостанатите четири средби за да не остане лидер, додека евентуален триумф на МЗТ ќе донесе израмнување на врвот, но и предност на шампионот поради подобриот скор во меѓусебните пресметки.

„Металците“ сезонава немаат пораз на паркетот во домашното првенство, а единствениот неуспех беше службениот пораз против Ангели поради административна грешка. ТФТ, пак, е непоразен како домаќин, иако ова ќе биде првпат да ја има таа улога надвор од Скопје. За тимот од Тафталиџе следува и важен европски предизвик, бидејќи во вторник го очекува настап во плејофот од АБА2 лигата против Златибор. Единствениот пораз на ТФТ оваа сезона дојде токму од МЗТ Скопје, во дуелот одигран во „Јане Сандански“.

Standings provided by Sofascore