Слот бесен по поразот во Истанбул: Го обвини судијата, ама и сопствените фудбалери!

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, остро го критикуваше судењето, но и своите фудбалери по синоќешниот пораз од Галатасарај (0-1) во првиот осминафинален меч од Лигата на шампиони.

Единствениот гол на натпреварот во Истанбул го постигна Марио Лемина, кој со удар со глава му донесе победа на турскиот тим. Реваншот меѓу двата тима се игра за една недела на „Енфилд“, каде „црвените“ ќе се обидат да направат пресврт. Слот смета дека неговиот тим добро го започнал натпреварот, но не успеал да ги искористи шансите.

„Мечот го почнавме навистина добро, дури и подобро отколку пред три месеци. Имавме три или четири одлични шанси. Најголемата беше кога Флоријан Вирц беше пред речиси празен гол, но не успеа да реализира. Не постигнавме гол, а потоа со нивниот прв напад добија корнер и постигнаа погодок“, изјави Слот.

Холандскиот стратег им замери и на своите играчи за лесно пропуштените шанси.

„Понекогаш промашуваме шанси премногу лесно, како да мислиме дека ќе добиеме уште десет. И онака е тешко да се дојде до такви ситуации, а кога губиш со 1-0 станува уште потешко.“

Слот беше незадоволен и од одлуките на судијата Гиљермо Куадра Фернандес, кој по интервенција на ВАР го поништи голот на Ибраима Конате поради игра со рака.

„Ако прифатиме дека голот е правилно поништен, иако слушам различни мислења, тогаш сум уште поразочаран од тоа што при речиси секој наш корнер или слободен удар, ако само погледнеше кон играчите на Галатасарај, судијата веднаш досудуваше прекршок за нив“, рече Слот.

Тој посочи и дека дефанзивецот Вирџил ван Дајк бил влечен за дрес во шеснаесетникот.

„Во Премиер лигата се дозволува многу повеќе отколку во Лигата на шампионите. Затоа бев изненаден што немаше пенал. Кога ние ќе направевме мал прекршок, судијата веднаш свиреше. Но кога тие направија прекршок, тоа беше дозволено“, додаде тренерот на Ливерпул.

Сепак, на крајот Слот призна дека неговиот тим ќе мора да биде многу поефикасен ако сака да направи пресврт во реваншот на „Енфилд“.

ФОТО: EPA PHOTO