Пех за Баварците: Фудбалер на Баерн поради повреда плачејќи го напушти теренот (ФОТО)

Алфонсо Дејвис повторно се соочи со проблеми со повреда, откако во солзи го напушти теренот на синоќешниот натпревар на неговиот Баерн Минхен на гости против Аталанта (6-0) во Лигата на шампиони.

Канадскиот репрезентативец неодамна се врати на терените по опоравувањето од скинато мускулно влакно и на полувремето влезе во игра на местото на Конрад Лајмер. Сепак, на теренот помина само 21 минута, по што се сруши на тревникот и мораше да биде заменет. Причината за новата повреда засега не е целосно позната. Кариерата на Дејвис во последните години често е прекинувана од повреди, а оваа сезона веќе пропушти значителен дел од натпреварите поради повреда на предните вкрстени лигаменти.

Проблеми имаше и за други фудбалери на баварскиот тим. Во судиското продолжение, стрелецот на шестиот гол за Баерн, Џамал Мусиала, како и голманот Јонас Урбиг, исто така го напуштија теренот поради повреди. Членот на спортскиот борд на клубот, Макс Еберл, изјави дека повредата на Мусиала „не е сериозна“, додека тренерот Венсан Компани додаде дека не очекува играчот долго да биде надвор од терените.

Еберл откри дека Дејвис, „за жал“, има нов мускулен проблем, додека Урбиг се пожалил на главоболка. Баерн веќе во сабота го очекува нов тежок предизвик во Бундеслигата, кога ќе се соочи со Баер Леверкузен.