Шкендија ќе се жалела во УЕФА: Ќе преиспитаме дали вреди да се инвестира во ваква атмосфера!
Шкендија посочи дека постојат судиски одлуки кои наводно биле во корист на Вардар со што се нарушувал интегритетот на натпреварувањето.
„Долго време избравме да молчиме, верувајќи дека надлежните институции ќе размислат и ќе преземат мерки за да се гарантира правдата во шампионатот. За жал, тоа што се случи денес на двата натпревари од 22. коло во ПМФЛ (Шкендија – Брера и Силекс – Вардар) е последната граница.
Скандалозните одлуки на судиите, кои повеќепати го фаворизираа ФК Вардар, сериозно го нарушуваат интегритетот на натпреварувањето и создаваат опасна перцепција за начинот на кој Фудбалската федерација на Македонија управува со тоа што треба да се нарекува „елитен шампионат“.
ФК Шкендија досега молчеше со надеж дека ќе има преиспитување и реакција. Но денес е јасно дека нашето молчење било протолкувано како слабост.
Поради повторувањето на ваквите случувања, принудени сме да го кренеме гласот и јасно да кажеме една работа!
Инвестициите во ФК Шкендија не се пари од општината, ниту од државата. Тие се приватни инвестиции, наш труд и жртва за да изградиме сериозен клуб кој, покрај градот, достојно ја претставува и државата на меѓународната сцена.
Токму таму, со нашите инвестиции и успеси на теренот, каде што имавме можност да играме слободно и рамноправно со другите, покрај клубот донесовме и бројни придобивки за домашната лига, клубовите и за државата.
Доколку продолжи ваквиот нерамноправен пристап во натпреварувањето, со скандалозни судиски одлуки, ќе бидеме принудени сериозно да го преиспитаме продолжувањето на нашите инвестиции во оваа средина.
Во исто време, ќе ги информираме и меѓународните институции, вклучително и УЕФА, за сите настани, текот и случувањата во нашиот шампионат.
Фудбалот треба да се решава на теренот, а не на маса. Шкендија не бара ништо повеќе од тоа“, соопштија од тетовската екипа.