Јаник Синер сигурен во Индијан Велс, Сабаленка закажа спектакл со Осака!

Вториот тенисер на светот, Јаник Синер, без поголеми проблеми се пласираше во осминафиналето на Мастерсот 1000 во Индијан Велс, откако ноќеска во два сета го совлада Канаѓанецот Денис Шаповалов.

Италијанецот за само 71 минута игра славеше со 6-3 и 6-2, потврдувајќи ја одличната форма. Вториот носител во следната рунда за место во четвртфиналето ќе се соочи со Бразилецот Жоао Фонсека. Пласман во следната фаза обезбеди и Александер Зверев, кој по голема борба го совлада домашниот фаворит Брендон Накашима (7-6, 5-7, 6-4). Во целосно американски дуел, пак, Лирнер Тиен го елиминира осмиот носител Бен Шелтон (7-6, 4-6, 6-3).

Кај тенисерките, светскиот рекет број еден Арина Сабаленка исто така убедливо се пласираше во осминафиналето. Белорусинката за 71 минута ја совлада Романката Жаклин Кристијан со 6-4 и 6-1 на ВТА 1000 турнирот во Калифорнија. Таа во следното коло ќе се соочи со Наоми Осака, четирикратна гренд слем шампионка, во дуел кој веќе се најавува како еден од најатрактивните на турнирот.

ФОТО: EPA PHOTO