Јокиќ на екс-репрезентативец на Македонија му должи 50 евра и – нема да му ги врати (ВИДЕО)
Српскиот центар се присети на периодот кога настапуваше за Мега Баскет, клуб во кој, како што вели, имал можност многу да научи од поискусните кошаркари.
„Во Мега сфатив дека можам да играм и дека можам да се занимавам со кошарка. Таму имав одлични примероци и играчи од кои учев: Бобан Марјановиќ, Новица Величковиќ, Ратко Варда, Ненад Шуловиќ, Марко Кешељ, па и Дејан Мусли. Од сите нив имав што да научам. Особено Рале (Варда), секогаш сакам да го спомнам – феноменална личност, пријател што ќе ти помогне во сè“, раскажа Јокиќ.
Потоа откри и интересна анегдота од тие денови за кошаркарот кој освен за Југославија и БиХ има настапувано и за Македонија и тоа на турнир во Кина пред десетина години.
„Сè уште му должам 50 евра. Немав пари да одам дома, плачев, а тој ми рече: ‘Еве ти, оди дома’, и ми даде 50 евра. Се сеќавам на тоа, благодарен сум. Беше пред 13-14 години. Не сум му ги вратил и нема ни да му ги вратам“, се пошегува Јокиќ.
Трикратниот МВП на НБА откри и дека никогаш не бил навивач ниту на Црвена ѕвезда ниту на Партизан, иако како млад ги следел натпреварите на белградските клубови. Причината за тоа бил еден играч – Новица Величковиќ.
„Одлично е кога некој ќе ти покаже како треба. Денес во НБА недостигаат такви ветерани. Во Мега секогаш имаше некој. Новица Величковиќ, јас него го обожавав. Дури и на Фејсбук, кога пишував за Макаби и Партизан, тоа беше поради Новица“, дополни Никола.
На крајот појасни дека всушност навивал за самиот играч, а не за клуб.
„Јас навивав за Новица. Не навивав ни за Звезда ни за Партизан, а не навивам ни сега. Навивав за Новица“, заклучи Јокиќ.
Со овие анегдоти Јокиќ уште еднаш покажа колку ги цени луѓето кои му помогнале на почетокот од кариерата, но и колку му значат ветераните кои можат да бидат вистински пример за помладите играчи.