Хаос во Нови Пазар: Навивачи на Ц. Звезда се степаа полицијата уште во – првата минута (ВИДЕО)

Натпреварот од Купот на Србија меѓу Нови Пазар и Црвена ѕвезда беше прекинат уште во првата минута по судир меѓу гостинските навивачи и полицијата.

Инцидентот се случи буквално триесетина секунди по почетниот свиреж. На трибината каде што беа сместени навивачите на белградскиот клуб настана голема мешаница, по што интервенираше полицијата, а ситуацијата брзо ескалираше во отворен судир. Главниот судија веднаш го прекина мечот, додека на трибините следуваше вистински пиротехнички хаос. Се слушаа навреди и скандирања, а тензијата дополнително се зголеми. Средбата продолжи дури по седум минути пауза.

Уште од почетокот организацијата на натпреварот беше означена како високоризична. Полицијата беше распоредена околу стадионот уште од раните утрински часови, а по избувнувањето на нередите беше формиран и безбедносен кордон меѓу трибините и теренот за да се спречи поголема ескалација. За време на прекинот дел од фудбалерите на двата тима со гестикулации се обидуваа да ја смират ситуацијата, но атмосферата остана наелектризирана. Од трибините се слушаа навреди, додека домашните навивачи негодуваа поради присуството на гостински навивачи во Нови Пазар.

Делегатот и службените лица во повеќе наврати разговараа со главниот судија за да проценат дали постојат услови за продолжување на средбата. На крајот беше донесена одлука мечот да продолжи, но со засилени безбедносни мерки и дополнителна полициска заштита покрај теренот.