Македонија се врати по минус 18 во Баку за „четири од четири“ во претквалификациите (ФОТО)
Жолто-црвените неочекувано сериозно за намачија да дојдат до бодовите во Баку, со оглед што триумфот беше обезбеден по негатива од дури 18 разлика (25-43) во првото полувреме. Нашите момци играа и против судиите, кои отворено се ставија на страна на домаќинот дозволувајќи му груба игра во боречки стил, без досудат двоцифрен број прекршоци на Азербејџанците. Капак на се беше и повредата на Војдан Стојановски кон средината на втората четвртина, кој истегна мускул на ногата и до крајот беше само навивач од клупата, без можност да помогне на теренот.
Серијата 12-1 на крајот од првото полувреме не донесе на минус седум (37-44), а пред крајот на третиот период првпат дојдовме во водство (58-56). Во последните десет минути покажавме зошто бевме голем фаворит пред почетокот и со смирена игра го задржавме водството, кое во еден момент беше и двоцифрено (73-63). Домаќинот не се предаваше до самиот крај, но и со осум играчи во поле не успеа да дојде до посакуваната цел, па избраниците на селекторот Жозеп Мариа Берокал дома си заминаа со бодовите.
Андреј Јакимовски со 22 поени и осум скока беше најпрецизен во нашиот тим, двоцифрен беше и Стојан Ѓуроски со 10 поени, но творец на пресвртот беше Андреј Магдевски, кој средбата ја заврши со осум поени, пет скока и седум асистенции.
Последниот циклус од оваа претквалификациска фаза ќе се одигра во јули, кога ќе му гостуваме на Луксембург и ќе ја пречекаме Ирска.