Челниците на КФМ се поклонија пред бистата на претседателот Борис Трајковски!

Делегација на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска положи свежо цвеќе и се поклони пред бистата на поранешниот претседател Борис Трајковски, по повод одбележувањето на 22 години од трагичната авионска несреќа кај Ротимље, во близина на Мостар, во која тој го загуби животот заедно со десетина соработници.

Поклонувањето се одржа на платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, објект што го носи името на трагично починатиот претседател. Во име на КФМ, цвеќе положија претседателот на Федерацијата, Томе Главчев, и потпретседателот Младен Ѓуроски.

Со овој чин на почит, КФМ уште еднаш го изрази својот респект кон ликот и делото на Борис Трајковски, истакнувајќи ја неговата улога како државник кој остави длабока и трајна трага во современата македонска историја.