Американците удрија по директорот на ФБИ, дека жестоко славел со хокеарите (ВИДЕО)
На снимката се гледа како Пател пие пиво, извикува и слави со хокеарите, додека еден од нив му ја става олимписката медала околу вратот. Снимката за кратко време стана вирална и отвори бројни прашања, не поврзани со спортот, туку со однесувањето на првиот човек на една од најмоќните институции во САД. Дел од медиумите и јавноста го критикуваат Пател, обвинувајќи го дека евентуално користел службени ресурси на ФБИ за приватно патување, односно дека неговиот престој во Италија не бил исклучиво поврзан со службени обврски.
Контроверзијата дополнително се засили откако само неколку часа претходно портпаролот на ФБИ јавно ги негираше тврдењата дека Пател отпатувал во Италија на трошок на даночните обврзници за да присуствува на Олимписките игри, оценувајќи ги таквите наводи како неточни и неосновани. Самиот Пател се обиде да ја смири ситуацијата преку објави на социјалните мрежи, нагласувајќи дека за време на престојот во Италија имал низа официјални средби со италијански функционери, меѓу кои и разговори поврзани со меѓународна соработка во областа на кибер-безбедноста.
Во неделата, тој објави и порака со честитка до хокеарската репрезентација на САД, во која ја истакна нивната посветеност и заедништво, нарекувајќи ги „шампиони и легенди“. Сепак, критичарите сметаат дека вакви сцени – со алкохол и славење во соблекувалница – не се соодветни за директор на ФБИ, особено во период кога агенцијата е под засилен јавен надзор.