Шанса за црвено-црните: Мелсунген со младинци од вториот тим на гости кај Вардар!

Германскиот бундеслигаш Мелсунген утре вечер ќе гостува кај Вардар 1961 во рамки на Европската лига, а во Скопје пристигнува по напорен распоред и со значително изменет состав.

По тесниот пораз од Хамбург во Бундеслигата, експедицијата на Мелсунген веднаш тргна кон аеродромот, а преку Виена допатува во македонската престолнина. Поради згуснатиот календар, заморот и неколку помали повреди, стручниот штаб на германскиот тим реши да им даде шанса на младите ракометари и играчите од втората екипа. Асистент-тренерот Фин Лемке ја објасни оваа одлука.

„На овој начин можеме да ги тестираме играчите од младинскиот погон и од втората екипа и постепено да ги интегрираме во првиот тим“, изјави Лемке.

Дел од групата што допатува во Скопје се Лино Дукетис, Макс Преглер, Јонатан Атин, Јонас Рике, Леандер Алтена, Леон Штел, Џејсон Вилфер и Павел Кравчик. Лемке дополнително посочи дека во тимот се појавил и вирус, поради што неколку стандардни ракометари директно од Хамбург се вратиле во Германија, наместо да продолжат за СКопје.

„Им веруваме на младите. Тие веќе покажаа дека се подготвени за вакви предизвици“, додаде асистентот на Мелсунген.

И покрај кадровските проблеми, германскиот тим во Скопје доаѓа со јасна цел – победа. Од друга страна, Вардар ќе бара враќање на вистинскиот пат по поразот од Бенфика во првото коло од втората фаза во Лисабон.