Чупиќ: Јас сум виновен за поразот од Бенфика – ќе бидеме подобри против Мелсунген!

Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, ја презеде целосната одговорност за поразот од Бенфика на стартот од втората фаза во Европската лига и порача дека екипата веќе е целосно насочена кон следниот предизвик против Мелсунген.

Натпреварот е закажан за утре од 20.45 часот во салата „Јане Сандански“.

„Јас сум виновен за поразот од Бенфика и ја преземам одговорноста. Не бевме на ниво за меч од Лига Европа. Со 20 технички грешки и 40 примени голови не треба да си паметен многу за да знаеш каде е причината за поразот“, изјави Чупиќ.

Тој посочи дека постојат натпревари на кои тешко може да се објасни што точно тргнало наопаку, но нагласи дека тоа мора да се прифати и да се работи на корекција на грешките.

„Се случуваат мечеви кога не можеш да објасниш каде е грешката. Мора да го прифатиме тоа и со многу работа да го поправиме“, додаде тренерот на „црвено-црните“.

Чупиќ потенцираше дека е задоволен од реакцијата на екипата на следниот натпревар, во значајната победа на гости кај Алкалоид.

„Против Алкалоид покажавме карактер и желба и одговорност кон дресот што го носат“, рече тој.

На крајот, стратегот на Вардар истакна дека нема простор за задржување на минатото и дека целосниот фокус е ставен на новиот европски предизвик.

„Знаеме дека Мелсунген е многу добра екипа, со одличен тренер. Наша цел е со две победи дома ќе обезбедиме место во осминафиналето. Одиме чекор по чекор за да се реализира тоа мора да дадеме се од себе на утрешниот меч. Се надевам дека по тешката недела позади нас и поразот од недела завршивме со победа против Алкалоид. И се надевам дека утре ќе го наполниме „Јане Сандански“ и со убава атмосфера ќе стигнеме до победа“, изјави Чупиќ.