Подвиг на Никси против Хјустон, осум по ред за Вемби – Дурент подобар и од Џабар (ВИДЕО)
Гостите од Тексас водеа со 91-73 на стартот на четвртиот период, но не успеаја да го затворат натпреварот. Следеше серија на Никс, предводени од Џејлен Брансон и Карл-Ентони Таунс, додека Рокетс западнаа во целосен офанзивен колапс – осум напади по ред без постигнат поен и неколку изгубени топки. Њујорк прво се врати со серија 8-1, потоа и 14-2, со што целосно ја стопи разликата. Во драматичната завршница Брансон и Таунс донесоа целосен пресврт, а Хјустон имаше последна шанса за победа. Кевин Дурент промаши во последните секунди, откако неколку моменти претходно со тројка ги доближи гостите на 106-107.
Дурент натпреварот го заврши со 30 поени, што беше негова 430. средба со најмалку 30 поени во кариерата, со што го престигна Карим Абдул-Џабар. Рекордер во оваа категорија останува Леброн Џејмс. Кај победниците, Таунс беше најефикасен со 25 поени, додека Брансон и Ануноби додадоа по 20. За Хјустон, Џабари Смит Џуниор постигна 21 поен, а Алперен Шенѓун имаше 16 поени, шест скока и шест асистенции, но и исто толку загубени топки.
Сан Антонио спарс, пак, дојде до осмата победа по ред, совладувајќи го Сакраменто кингс (139-122). Виктор Вембањама блесна со 28 поени и 15 скока. Кингс го претрпеа 16. последователен пораз, што е негативен рекорд на франшизата, а настапија и без повредените Домантас Сабонис и Зак Лавин, кои нема да се вратат до крајот на сезоната.
Во Финикс се одигра необичен меч со два продолженија и релативно мал број поени. Санс го победија Орландо (113-110) благодарение на тројката на Џејлен Грин во последната секунда од второто продолжение. Грејсон Ален беше најефикасен за Финикс со 27 поени, додека кај Меџик се истакна Дезмонд Бејн со 34 поени.
РЕЗУЛТАТИ: Њу Орлеанс – Филаделфија 126-111, Чикаго – Детроит 110-126, Мајами – Мемфис 136-120, Сан Антонио – Сакраменто 139-122, Њујорк – Хјустон 108-106.
ФОТО: X / @nyknicks