УЕФА излезе со соопштение – ова е епилогот на расистичкиот скандал со Винисиус!
Според службениот извештај на натпреварот, навредите наводно ги упатил играчот на Бенфика, Џанлука Престијани, а францускиот судија Франсоа Летексије веднаш го активирал тростепениот протокол на УЕФА за случаи на дискриминација. Натпреварот беше привремено прекинат, а двете екипи беа официјално информирани за ситуацијата. Во краткото соопштение, УЕФА наведува дека службениот делегат го евидентирал инцидентот во извештајот и дека дисциплинските тела започнале истрага, без однапред да се донесува заклучок за вина. Ќе бидат анализирани видео-снимките, официјалната документација, како и изјавите од клубовите и инволвираните актери, по што ќе следи одлука за евентуални санкции.
Европската фудбалска организација повторно нагласи дека најостро го осудува секој облик на расизам и дискриминација, а до завршување на постапката нема да дава дополнителни коментари. Потсетено е и дека можните казни, според дисциплинскиот правилник, се движат од суспензија на играч и парични казни, до делумно затворање на трибините или построги мерки во случај на повторување.
Инцидентот се случи во второто полувреме, непосредно по прославата на погодокот за 0-1 за Реал Мадрид, кога Винисиус му се пожалил на судијата и посочил кон противнички играч, по што на теренот се создала тензија. Натпреварот беше во прекин околу десет минути, а потоа продолжи и заврши со победа на Реал Мадрид од 1-0 на стадионот „Да Луж“.
ФОТО: EPA PHOTO