Мурињо: Дадов сѐ за Реал, а сега - многу сакам да го исфрлам!
Португалецот кој во минатото го водеше и Реал Мадрид пред натпреварот зборуваше со многу емоции.
„Дадов сè од себе за Реал. Имаше и добри и лоши моменти, но секогаш го давав максимумот. Чувствувам дека луѓето токму поради тоа ме почитуваа, и покрај грешките и успесите. Сепак, не сакам да подгревам приказни кои не постојат“, изјави Мурињо.
Сепак, јасно порача дека би сакал да го елиминира Реал од елитното натпреварување и нагласи дека нема ништо околу негов евентуален камбек на „Сантијаго Бернабеу“.
„Реалноста е дека имам уште една година договор со Бенфика, со многу едноставна клаузула за раскин од двете страни. Нема ништо со Мадрид. Многу би сакал да го исфрлам Реал, но исто така би сакал Арбелоа да ја освои лигата и да остане долго, тој го заслужува тоа“, порача португалскиот стратег.
Ќе потсетиме, Реал Мадрид и Бенфика се сретнаа и во првата фаза во последното коло, а токму поразот од Бенфика беше причината што Реал се најде во плеј-офот и не обезбеди директно место во осминафиналето.