Американски адвокат сруши рекорд на ЗОИ: Кога почнував пушевме цигари на мразот!

Олимписките игри уште еднаш потврдија дека се сцена отворена за сите, без разлика на возраста, а најдобар доказ за тоа е Американецот Рич Руохонен, кој на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и Кортина испиша историја во карлинг.

Репрезентативецот на САД со наполнети 54 години настапи на олимпискиот карлинг-турнир, со што стана највозрасен учесник во историјата на ЗОИ. Тој со тоа го надмина рекордот стар речиси еден век, поставен од лизгачот Џозеф Севиџ, кој во 1932 година настапи во Лејк Плесид како 52-годишник. Приказната на Руохонен е уште поимпресивна ако се знае дека тој, покрај спортската кариера, е и успешен адвокат, шесткратен добитник на наградата за најдобар адвокат во сојузната држава Минесота. Татко на две деца, тој мораше да земе годишен одмор од работата за да ја оствари животната желба – настап на Олимписките игри во Милано–Кортина.

Иако ова му се дебитантски Игри, Руохонен открива дека со години бил блиску до олимписка норма.

„За влакно пропуштив неколку Зимски олимписки игри. Станувам три пати неделно во пет часот наутро и возам 50 километри за тренинг. Доаѓам од генерација што пушеше цигари на мразот, а денес сите се физички подготвени и феноменални карлинг-играчи“, изјави 54-годишниот Американец.

Иако во тимот е во улога на замена, Руохонен доби шанса и настапи во завршницата од дуелот против Швајцарија, со што својата олимписка приказна ја направи уште поспецијална.